top of page

 

 

 

 

Доколку вашите комшии, поради поплава од купатило, пукнато парно, пожар и слично, ви причинат штета на вашиот стан и имотот во него, надоместувањето на штетата треба спогодбено да го решите со нив. Ако не се најде заеднички јазик со нив, за решавање на проблемот не е надлежна заедницата на сопственици. За тоа постои соодветна постапка која е регулирана со законски прописи.

 

Прво се обраќате до инспекторот за домување во вашата општина. Доколку во општината нема инспектор за домување се обраќате до Државниот комунален инспекторат. Се доставува писмено барање до инспекторот кој мора да излезе на лице место, да изврши увид и да направи записник. Врз основа на вака утврдената состојба тој што ви ја причинил штетата треба истата да ви ја надомести.

 

Доколку ова не помогне писмено се обраќате до соодветниот суд, а записникот ќе ви послужи како доказ во постапката.

 

Подолу ви се дадени законските основи за секоја од наведените постапки.

 

Закон за домување

 

Член 11

(4) Сопственикот на посебен дел, односно закупецот е должен редовно да го одржува станот и да се грижи за одржувањето на станбената зграда со цел да не се предизвика штета или штетни влијанија, како и да се обезбеди непречено користење на посебните делови од страна на другите сопственици.

 

Член 126

 

Прекршоци

Глоба во износ од 300 евра во денарска противвредност ќе му се изрече за прекршок на сопственик на стан или деловен простор во станбена зграда, односно закупец, ако:
1) редовно не го одржува станот, односно не се грижи за одржувањето на станбената зграда, согласно со членот 11 став (4) на овој закон;

 

Член 130

 

(1) За прекршоците предвидени во членовите 125, 126 и 127 од овој закон пред поднесување на барање за поведување на прекршочна постапка пред надлежен суд, односно пред поднесување на барање за поведување на прекршочна постапка пред надлежниот орган ќе се спроведе постапка за порамнување. Доколку сторителот го признае прекршокот, инспекторот ќе му издаде на сторителот платен налог заради наплата на глобата предвидена за прекршокот, со потписот на платниот налог сторителот на прекршокот се смета дека се согласува да ја плати предвидената глоба.

 

Член 116

 

Инспекциски надзор

 

(1) Инспекцискиот надзор над примената на овој закон и прописите донесени врз основа на овој закон го вршат овластени инспектори за домување во општините и општините во градот Скопје во рамките на надлежната инспекциска служба (во натамошниот текст: овластен инспектор за домување).

(2) Доколку општините, односно општините во градот Скопје немаат назначено овластени инспектори за домување, инспекцискиот надзор го вршат инспектори при Државниот комунален инспекторат во име и за сметка на општините, односно општините во градот Скопје.

 

Закон за сопственост и други стварни права

 

Член 98

 

Сопственикот е должен да се грижи за одржувањето на својот дел од зградата.

 

Ако при користењето на својот дел од зградата сопственикот причинил штета на други делови од зградата што се во сопственост на други лица или со тоа се создаваат други пречки на деловите од зградата што се во нејзина функција како целина или на нејзини делови кои претставуваат посебна целина, тој е должен да ја надомести таа штета, односно да ги отстрани другите пречки кои се создаваат.

 

 

 

 

 

bottom of page